Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп разговараат во четири очи финската Претседателска палата, а од членовите на делегациите пред салата е само советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон, јави руската новинска агенција ТАСС.
Претходно, Би-Би-Си објави дека на почетокот од состанокот Трамп и Путин се ракуваа преку маса, но оти немало насмевки на лицата.
Трамп пред почетокот на средбата му честита на Путин за организацијата на Светското првенство во фудбал, нагласувајќи дека било „едно од најдобрите“.
Американскиот претседател наведе дека со Путин ќе разговараат за се – од трговија, преку армија до Кина.
Трамп пред состанокот истакна дека соработката со Русија е „добра, а не лоша работа“ и оти „двете држави можат да имаат извонредни односи“.
– Навистина мислам дека светот сака да не види заедно, посочи Трамп.
Путин на Трамп му рече дека е време да се разговара за билатералните државни односи и за тешките проблеми помеѓу другите земји.
– Неколку пати разговараме по телефон за разни меѓународни настани. Секако, сега е време детално да разговараме за нашите билатерални односи и различните проблеми во светот, кои ги има многу, наведе Путин.
Во Хелсинки во исто време се одржува и првата билатерална средба помеѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Лавров претходно изјави дека со Помпео ќе разговара „за сите проблеми на кои сака да се фокусираат“.
Претходно, Помпео изјави дека подобрувањето на односите меѓу двете земји зависи од руската стана.
– Ќе се сретнеме со нашите руски колеги во Хелсинки. Подобрување на односите со руската Влада ќе биде добро за сите, но топката е кај нив, истакна Помпео.