Филмот „Исцелител“ на „Струмица опен фестивал“

189

Во рамки на програмата Warm Up на „Струмица опен фестивал“ вечер ќе биде прикажан филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески. Проекцијата е бесплатна и ќе биде на отворено –  на езерцето во Градскиот парк во Струмица.

Од премиерата на 9 ноември лани, филмот досега е прикажан на 23 светски филмски фестивали, од кои два беа од А-категорија. Филмот освои девет меѓународни награди, меѓу кои пет за најдобар филм.

„Исцелител“ е прв македонски филм добитник на награда на филмскиот фестивал во Солун во 58-годишното постоење на фестивалот. Тој е добитник и на наградите за најдобар филм во Санта Барбара, САД; Бергамо Филм Митинг, Италија; Филмскиот фестивал во Обањ, Франција и на фестивалот Let’s CEE во Виена.

Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски, а во останатите улоги настапуваат Аксел Мехмет, Диме Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски. Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...