Почна Галичката свадба

Судбоносното „да“ младенците ќе го кажат утре во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

305

Со поставување на свадбарското знаме денеска во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина почна 45. издание на Галичката свадба, една од најспектакуларните културни манифестации во земјата.

Младенци на годинашната манифестација се Тања Лепческа, со потекло од Галичник и Златко Димовски. Тие се избрани во конкуренција од четири пара. Лепческа од својата петта година учестува на манифестацијата, а Димовски вели дека е подготвен и добро ги совладал обичаите карактеристични за Галичката свадба.

Судбоносното „да“ младенците ќе го кажат утре во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови. На манифестацијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Месната заедница „Галичник“ е организатор на манифестацијата, а покровител годинава е премиерот Зоран Заев кој утре ќе им се обрати на присутните гости. Во Галичник ќе присуствуваат и вицепремиерите и министри за внатрешни работи и за одбрана, Оливер Спасовски и Радмила Шеќеринска, министрите за култура, за комуникации, отчетност и транспарентност и за дијаспора, Асаф Адеми, Роберт Поповски и Едмонд Адеми, заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и Националниот координатор за развој на културата Роберт Алаѓозовски.

Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

Синоќа, на платото пред чешмата Упија во Галичник се одржа концерт на Влатко Стефановски, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд офф“, со што започна Галичкото културно лето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...