НАТО мора да ги засили каналите за дијалог со Русија, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за новинарите, кои го придружуваа на самитот на НАТО во Брисел.
– Ја истакнавме потребата да се засили политичкиот и воениот дијалог со Русија за да се минимизираат воените ризици и да се воспостави транспарентност- рече Ердоган.
Говорејќи за претстојната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во главниот град на Финска, Ердоган рече оти смета дека овој состанок е многу важен и дека Анкара ќе следи како ќе се одвива тој.
Ердоган информира дека со Трамп разговарале за ситуацијата во Манбиџ, Северна Сирија и купувањето на Ф- 35 од САД. Ердоган добил уверување од американскиот претседател дека договорот за авиони, за кој Турција веќе плати 800 милиони долари и останува уште последната рата од 100 милиони долари, ќе биде исполнета како следна.
Ердоган, меѓу другото, истакна дека вистинската цел на Анкара е САД да ја прекинат својата соработка со сириската курдска милиција, Сили за заштита на народот. Но, засега, како што рече, тоа не е на агендата на Вашингтон.
За време на самитот во Брисел на 11 и 12 јули, Ердоган се сретнал и со германската канцеларка Ангела Меркел, и како што рече, разговарале за договорот помеѓу Турција и ЕУ за стопирање на миграцијата кон Европа.
– На состанокот разговаравме за трансферот на средствата, договорени во рамките на договорот од 18-ти март. Ние кажавме дека трансферот треба да се забрза- рече Ердоган.
Ердоган, исто така, истакна дека Турција вложува напори да го преземе својот дел од обезбедување средства за НАТО, посочувајќи дека поддршката на Турција во моментов изнесува околу 1,8 отсто од БДП.
– Секако, потрошивме околу 30 милијарди долари за опрема и муниција”- рече тој.