Албанија го почнува скрининг процесот за преговори со ЕУ

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан во Брисел на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама најави почеток на скриниг процесот.

133

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан во Брисел на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама најави почеток на скриниг процесот, како прв чекор кон отворање на пристапните преговори меѓу Албанија и ЕУ во јуни 2019 година.

Хан, кој следната недела треба да допатува во Тирана со цел да се запознае со спроведувањето на реформите што Европската унија ги бара од Албанија, посочи дека „тимовите на ЕУ веднаш почнуваат со работа со цел да гарантираат целосна анализа на ситуацијата“.

Тој посочи дека со воспоставувањето на јасен патоказ кој води кон отворање на претпристапните преговори помеѓу ЕУ и Албанија во јуни 2019 година и со продолжување на реформите со потребната динамика, направен е големиот чекор кон европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

– Јас во вторник ќе бидам во Тирана за да започнеме со подготвителната работа. Во прашање е амбициозна и сеопфатна работа, каде што треба да ги разгледаме сите области опфатени во 35 поглавја. Ќе разговараме и со Владата и со опозицијата. Ќе ја постигнеме таа цел за албанското општество. Тоа е заедничка цел, која не засега сите, рече Хан.

Тој истакна дека за време на процесот на проверка, албанското законодавство ќе биде анализирано со критериумите на ЕУ и дека тоа е нешто што секоја земја мора да го направи за да се подготви и да ги започне преговорите за членство.

Албанскиот премиер Еди Рама, од своја страна, рече дека „во следните 12 месеци ќе има 12 месеци техничка работа и подготовки“.

– Ние сме спремни да започнеме со подготовките за отворање преговори и да исполниме се што ќе се побара од нас. Нема да изгубиме ниту еден момент, иако пред нас се тешки месеци. Важно е што видовме голем број земји од ЕУ кои ги признаваат заслугите на Албанија, бидејќи 25 држави беа за итно отворање на преговорите, изјави Рама.

На новинарко прашање дали договорот со Грција за морската граница ќе ги забрза чекорите на Албанија кон ЕУ, еврокомесарот Хан искажа оптимизам дека прашањето ќе биде набрзо решено.

– ЕУ не прифаќа ни една држава која има недоразбирања со некој од соседите. Имаше недоразбирања околу морската гранична линија, верувам дека за две недели ќе се надмине ова прашање, одговори Хан.

Тој уште нагласи дека од премиерот Рама побарал поголема ангажираност во правец на намалување на големиот број неосновани барања за азил на албански граѓани во земјите на ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...