Зеленило без ѓубре, канти за отпад во кои имаше кеси и изметени тротоари и улички утрово ги пречекаа десетината актери и други уметници кои се појавија во дворот на Клиничкиот центар во Скопје за да го исчистат.
Вработените во јавното претпријатие Комунална хигиена ги претркаа и уште од изутрина спроведоа акција за чистење. Сепак, уметници се пуштија во рација да проверат што оставиле зад себе комуналните екипи, ако нешто испуштиле, тие да го дособерат.
Според она што можеше да се види околу клиниките, откако работата си ја завршија од комунално, за актерите едвај да имаше ѓубре за да наполнат по една ќеса. Тие ги вадеа хартиите од жардиниерите, отпадоците заглавени меѓу оградите, околу дрвјата и она малку што беше „испуштено“ да се собере од зелените површини.
– Оваа иницијатива ја направивме ние уметниците од идеја што како вработени актери сезоните во театрите ни завршија, имаме време слободно време и решивме да го искористиме корисно и да бидеме општествено одговорни. Решивме да започнеме една летна акција во која што секоја недела на различни критични места ќе се појавуваме и ние актерите и ќе го собираме ѓубрето – рече актерката Сања Арсовска.
Нивната цел, како што посочи, е да ја поттикнат совеста кај несовесните граѓани за нивната одговорност кон животната средина.
– Не преварија, сепак се трудиме да разгледаме, да направиме ревизија на тоа што го направила Комунална хигиена овде, ако завршиме брзо ќе се префрлиме на некое друго место. На нас не ни е целта да се натпреваруваме со претпријатие туку нас ни е целта ние како уметници, кои имаме должност да бидеме општествено одговорни, да ги поттикнеме граѓаните да имаат поголема еколошка свест – рече актерката.
Додека таа и нејзините колеги бараа ѓубре, во дворот на Клинички можеа да се забележат една-две екипи од комуналните претпријатија кои привршуваа со нивната работа.
Во ист термин кога беше закажана и акцијата на актерите во посета на комплексот клиники требаше да дојде и градоначалникот Петре Шилегов, но плановите се смениле, па посетата беше откажана.
Затоа еден час пред актерите, изјави за медиумите даваа директорот на Комунална хигиена, Абдусамед Шабани и заменик-министерот за здравство, Асим Муса. Тие најавија многу скоро решавање на проблемот со одржување на хигиената и чистење на дворот. Како што рекоа, екипи и утре, кога нема толку гужва бидејќи е викенд, ќе продолжат да чистат.
– Имавме еден координативен состанок со заменик-министерот за здравство и сите ќе се залагаме да најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот со одржувањето на хигиената во дворот на Клинички центар – рече Шабани посочувајќи дека вакви повремени акции ќе има и во иднина, без разлика дали се или не се обврзани, бидејќи, како што потенцира и покрај проблемот совеста не им дозволува да не го чистат Клиничкиот Центар.
Заменик-министерот за здравство рече дека „се на праг од решението на оваа состојба“.
Од кабинетот на Шилегов, пак, рекоа дека имаат намера во нивна надлежност да го преземат чистењето на дворот на Клиничкиот центар и конечно хигиената на ова место да биде на оптимално ниво. Се пофалија дека покрај тоа што комунални екипи чистеа утрово, Град Скопје донирал и поставил 15 корпи за отпадоци кои што деновиве беа заменети од Градскиот парк.
„Повеќедецениската негрижа за хигиената во Клинички центар досега резултираше со неколку акции за расчистување на отпадот. Град Скопје цени што граѓаните волонтираат во чистењето на Клинички центар во овој преоден период и придонесуваат да се ублажи настанатиот проблем. Апелираме до граѓаните за разбирање во овој преоден период додека не ги решиме правните аспекти на набавката, а кога Град Скопје ќе ја преземе одговорноста за комуналната хигиена во Клинички центар, ќе се реши проблемот со отпадот во кругот на болниците. Јавните претпријатија ќе го дадат својот максимум во грижата за хигиената во градот, но за трајно да се реши проблемот со отпадот особено значајна е поддршката од граѓаните“, пишува во соопштението од кабинетот на Шилегов.
Оттаму, исто така апелираат до граѓаните да ја покажат љубовта кон градот преку грижа за хигиената на просторот околу нив и фрлање на отпадот во корпите и контениерите.
Од нашето ѓубре, пред неколку дена се засрамија и странците. Средношколци од Ротердам, Холандија, кои ги фарбаа и украсуваа спратовите на Детската клиника како дел од проект на невладина организација, во еден момент излегоа и го исчистија ѓубрето пред клиниката.