Поранешниот премиер се враќа во Пакистан за да отслужи казна

Поранешниот пакистански премиер Наваз Шариф и неговата ќерка Марјам, двајцата осудени поради корупција, денеска треба да пристигнат во Пакистан, а неговите следбеници најавија марш до аеродромот

91

Поранешниот пакистански премиер Наваз Шариф и неговата ќерка Марјам, двајцата осудени поради корупција, денеска треба да пристигнат во Пакистан, а неговите следбеници најавија марш до аеродромот, на кој треба да слета Шариф.

Властите ангажираа повеќе од 10.000 полицајци пред враќањето на осудениот поранешен премиер и планирана е блокада на патиштата со огромни контејнери за пратки, како и блокада на влезот на градот Лахор.

Шариф се враќа од Велика Британија, недела дена по судскиот процес против него, во кој е осуден на 10 години затвор додека неговата ќерка е осудена на затворска казна од седум години.

Тие двајца беа во Лондон во посета на сопругата на Шариф, која е тешко болна, а пакистанскиот суд ги осуди во отсуство.

Судот наведе дека тој и неговото семејство не го навеле потеклото на парите за купување на луксузни недвижности во Лондон и не ги пријавиле на даночните власти.

Се очекува Шариф да ја обжали пресудата и дека ќе побара да излезе на слобода со кауција.

На Шариф му е забрането да учествува во политика. Неговиот брат Шахбаз Шариф сега ја води партијата Муслиманска лига на Пакистан и ќе излезе на избори на 25 јули.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...