Потребен е системски пристап за унапредување на иновативноста во економијата

Стратегијата цели кон започнување на трансформација на земјата во економија заснована на знаења, способна да биде конкурентна на меѓународните пазари преку нејзината обучена работна сила и иновативни компании.

126

Иновацијата е главен извор на раст, конкурентност и зголемена продуктивност. Таа мора да биде централна во економскиот развој на македонската економија, а со тоа и во центарот на креирањето политики и постапки. Сепак, иновативноста самата по себе претставува нешто повеќе од истражување и развој, и покрива широк опфат на активности кои им помагаат на компаниите да станат попродуктивни и конкурентни, кои се клучна движечка сила за економскиот раст. Според тоа, развојот на политиката за иновации мора да биде еден од клучните темели на економската стратегија на државата.

Податоците од Глобалниот индекс на иновативност за 2018 година, покажуваат дека на полето на иновативноста поставени се повеќе предизвици за македонската економија – позиционираноста на 84-то место на индексот (од 126 држави кои биле предмет на анализа) укажува дека креативните резултати се` уште недостасуваат во македонското деловно опкружување.
Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека иако иновацијата обично се поврзува со технолошкиот развој, креаторите на политиките мора да имаат поширока визија, која исто така ќе ги покрие процесите, услугите, деловните модели и социјалната иновација. Всушност, иновациите се состојат од имплементација на нов или значително подобрен производ, нов процес, нова маркетинг метода или нова организациона метода во деловните практики, работните места или надворешните односи. Поради тоа, политиките за стимулација на иновацијата го надминуваат финансирањето во истражувањето и развојот, а исто така ги вклучуваат и дигиталната инфраструктура, компаниското право, системот за образование и обука, реформата на јавниот сектор, трговијата и интернационализацијата, посочуваат од Комората.

– Административните, законодавните и фискалните оптоварувања ги обесхрабруваат компаниите да се развиваат. Претприемништвото и иновативноста треба да бидат попривлечни, и тоа не само со намалување на административните и регулаторните оптоварувања, туку исто така и со признавање на улогата на претприемачите во рамките на општеството и зголемување на свеста за придобивките од претприемништвото – посочуваат од Комората.

Бидејќи Република Македонија се стреми да продолжи со економскиот раст, важно е земјата да ја развие конкурентноста на својот приватен сектор. Според тоа, оваа стратегија цели кон започнување на трансформација на земјата во економија заснована на знаења, способна да биде конкурентна на меѓународните пазари преку нејзината обучена работна сила и иновативни компании. Сепак, успешниот економски развој не секогаш се поклопува со зголеменото учество на производството во високо технолошките сектори. Активности со висока новосоздадена вредност може да се најдат и во традиционалните сектори и иновациите може да им помогнат на компаниите да преминат од активности со ниска новосоздадена вредност кон активности со висока новосоздадена вредност.

– Иновативната активност на компаниите е позитивно поврзана со многу показатели на успехот во работењето на компаниите. Имено, постои многу поголема веројатност дека компаниите кои внесуваат иновации ќе извезуваат, и повеќето компании се соочуваат со значително зголемување на обртот и профитите по воведувањето иновации – додаваат од Комората.

Финансискиот аспект на иновациите се смета за главна пречка на повеќето компании, и затоа неопходно е Владата и институциите да продолжат да обезбедуваат поголема поддршка на иновациите, и поради тоа, покрај мерките за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија, кои се содржани во Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за периодот 2018-2020 година, потребно е да се проширува палетата на мерки за поддршка на унапредувањето на иновативноста на македонските компании.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...