Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска го повика лидерот на Словенечката демократска странка Јанез Јанша во рок од една недела да го информира дали ќе прифати мандат за формирање на идната влада.
Парламентот во Словенија е тесно поделен по изборите, и иако СДС е далеку најголемата партија, таа сепак нема доволно гласови за формирање на идната влада. Јанша има 25 пратеници од вкупно 90, а во соработка со другите конзервативни партии може да смета на околу 35 пратеници. Тој се уште не успеа да постигне договор за коалицирање со другите поголеми партии, како што е новоформираната партија на Марјан Шарац.
Јанша најави дека ќе организира средби со сите партии застапени во Парламентот, за да види дали има простор за соработка. Тој посочи дека на СДС ќе и бидат потребни само неколку партнери, додека евентуален обид да се формира влада без СДС би значел коалицирање меѓу пет или шест помали партии.