Атина сака добри односи со Русија, но не прифаќа кршење на меѓународното право

Алтернативниот министер за одбрана, говорејќи за радиото „247” рече дека иако добрите односи на Грција со Русија се цврста одлука на грчката надворешна политика, сепак протерувањето и забраната за влез за руските дипломати било обврска на Атина.

97

Грција е посветена на добрите односи со Русија, но не може да толертира прекршување на меѓународното право, сметаат алтернативниот министер за надворешни работи и алтернативниот министер за одбрана на Грција.

Јоргос Катругалос на денешниот брифинг со новинарите, a Фотис Кувелис во интервју за грчкото радио „247” изразија идентични ставови за протерувањето на двајцата руски дипломати и забраната за влез во Грција за други двајца, јави дописничката на МИА од Атина.

– Русија ја сметаме за традиционално пријателска земја со која заемно сакаме односите да ги подобриме. Не можевме да не реагираме за нешто за кое сметаме дека е прекршување на правилата на меѓународното право во однос на границите на активност на дипломатските делегации. Се надеваме дека ова ќе биде еден изолиран инцидент во нашите многу добри односи – истакна Катругалос на денешниот брифинг со новинарите.

Алтернативниот министер за одбрана, говорејќи за радиото „247” рече дека иако добрите односи на Грција со Русија се цврста одлука на грчката надворешна политика, сепак протерувањето и забраната за влез за руските дипломати било обврска на Атина.

– Пораката што со оваа постапка ја испраќа грчката Влада и Министерството за надворешни работи е дека нашата земја не прифаќа постапки кои ги прекршуваат независните процеси и Меѓународното право – рече Фотис Кувелис.

Одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос наведе дека се чини дека „прашањето во грчко-руските односи е особено сериозно“ и ја обвини Владата дека не излегла со официјално известување.

„За жал, за уште едно критично прашање во нашата надворешна политика, информациите што ги имаме доаѓаат од медиумите, од анонимни „дипломатски кругови“ и од неодредени извори. Ништо официјално, ништо одговорно за ова конкретно сериозно прашање. Очигледно е дека секој обид за интервенција во внатрешните случаи на земјата е неприфатлив и за осуда“, посочува Кумуцакос во писмената изјава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...