Во Варшава денеска и утре ќе се одржи средба на претседателите на парламентите или нивни претставници од земјите од Централна и Источна Европа, на која ќе се разговара за зајакнување на парламентарната соработка и за можностите за регионален развој на инфарструктурата, енергетската безбедност и транспортната политика.
Учесниците на собирот ќе разговараат и за улогата на парламентарната дипломатија во современите меѓународни односи, како и за значењето на парламентите во остварувањето на целите за одржлив развој, регионалната соработка и создавањето на европска мигрантска политика.
Покрај домаќинот на самитот, претседателот на полскиот Сејм, на средбата е најавено и учество на првите луѓе на парламентите на Македонија, Албанија, Литванија, Малта, Словенија, Србија, Унгарија и Чешка, на потрпретседатели на собранијата на Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија и Ерменија, како и на парламентарани делегации од Грција, Казахстан, Словачка, Украина и Хрватска.
Предвидено е учесниците на собирот да присуствуваат и на свечената седница на полскиот Парламент по повод 550-годишнината од парламентаризмот во Полска.