Брачниот пар од Холандија Питер Ендендајк и Анемик ден Аул поседуваат 8.112 музички албуми од цел свет, од кои 709 се со изворна музика од Македонија. Во апсолутни бројки, албумите со македонска музика, велат, се на трето место во нивната богата колекција, но го заземаат првото имајќи ја предвид површината и бројот на жители.
Првата плоча Питер ја купил во 1962 годна, а пет години подоцна првпат дошол во Македонија. Албумите што ги собирал низ годините, од пред десетина години почнал и да ги дигитализира и да ги става во програмата на податоци која ја подготвиле за да ја средат колекцијата.
За својата љубов кон македонската музика Питер денеска зборуваше во просториите на „Танец“ и на ансамблот му предаде дваесет плочи изворна музика, како и дигитализирани композиции.
– За традиционалната музика се заинтересирав поради програмата за народни танци во моето основно и средно образование. Во текот на следните години, сфатив дека ми лежи музиката од балканските земји. Во текот на годините по мојата прва посета на поранешна Југославија во 1966 година, го купив она што можев да го најдам: македонска, бугарска, грчка, српска и друга музика. Но, исто така, и албуми кои беа издадени надвор од балканските земји, а имаа традиционална балканска музика. До 1982 година сите мои патувања беа со јавен превоз. Оттогаш, откако ја сретнав Анемик, повторно го пропатувавме Балканот, овојпат со автомобил. Сега можевме да донесеме дури и повеќе плочи и книги дома – рече Ендендајк на презентацијата на која присуствуваа вокалистите и играорците на „Танец“.
Колекцијата ја организирале со програма за база на податоци што сами ја направиле. Рече имаат дигитализирано 75 проценти од содржината на колекцијата и тој дел е достапен на серверот.
– На овој начин, пребарувањето на варијации и верзии е лесно, дури и ако мелодиите се познати во различни региони или земји – рече холанскиот колекционер на македонска музика кој за историјата на колекцијата, техничките аспекти и содржината има отворено и посебна интернет-страница: www.tradmusictrails.com.
Извонредниот познавач на комплетната дискографија на „Танец“ од 1956 до 1990 на презентацијата зборуваше за историјата на раните снимки со македонска традиционална музика (1950-1965) – снимките издадени во и надвор од поранешна Југославија. За оние кои сакаат да дознаат повеќе и да ги слушнат раните снимки на Sperry и Newtone ги посоветува да ја посетат страницата Folklore Discography (www.folklorediscography.org) како и каналаот на Петер Зрински (Peter Zrinski) на Јутјуб.
За посветеноста и љубовта кон македонскиот фолклор, директорот на „Танец“ Стојанче Павловски им врачи благодарници на Питер и сопругата Анемик и ги нарече холандски Македонци.
Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, пак, рече дека тој самиот е официјален амбасадор во Македонија, но дека вистински амбасадори се овие негови сонародници.
– Во Македонија сум повеќе од две и пол години и можам да кажам дека постојат повеќе холандски конекции. Како дипломат се среќавам со многу луѓе, Македонци и Холанѓани, кои работат како вистински амбасадори – поврзувајќи ги двете држави и култури – истакна Пломп.
Неодамна, рече, ја слушнал поговорката „немој да играш или пееш во Македонија бидејќи и ќе те надиграат, и ќе те натпеат“ и додаде: „Слушајќи ги и гледајќи ги ’Танец’, не би се осудил ниту да пеам, ниту да играм“.
Министерот за култура Роберт Алашозовски истакна дека ова е редок и возбудлив настан за македонско-холандското пријателство.
– Знаеме дека граѓаните на Холандија се големи и искрени пријатели на Македонија, но големо е изненадувањето и честа што вие, почитувани гости, и го приредувате на земјата и на македонското национално културно богатство. Вашата посветеност кон македонската музика, кон собирањето и чувањето ретки и скапоцени музички записи од „Танец“ покажува огромна љубов и високо ниво на почит кон творештвото на овој ансамбл, како и кон македонскиот фоклор и кон нашата земја воопшто – рече Алаѓозовски.
Во просториите на „Танец“ во оваа пригода беше поставена и изложба на фотографии од тројца Холанѓани – Фред Волп, Марја и Карлус Коупман кои додека летувале на Охридското Езеро од 1973 до 1975 година ги фотографирале и снимиле музичарите на улиците во Струга, Охрид и околните села – особено за време на викендите кога се одржувале свадби.