Во пресрет на 90-то доделување на наградите Оскар в недела на 4 март, објавени се најинтересните настани кои ги одбележаа изминатите девет децении од кога Академијата за филмски уметности и наука ја доделува таа награда.
Првата церемонија за Оскар се одржа на 16 мај 1929 година во хотелот „Рузвелт“ во Холивуд. Тогаш најдобрата филмска награда ја освои немиот филм романса за Првата светска војна „Крилја“ (Wings).
Од 1939 година Академијата официјално почна да го користи името Оскар за своите награди.
Според непотврдена, но популарна приказна, зад потеклото на името стои извршниот директор на Академијата за филмска уметност и наука, Маргарет Херик, која, наводно, изјавила дека статуетката изгледа како нејзиниот вујко Оскар.
Првата Афроамериканка која освои Оскар за глума е Хати Макданиел во 1940 година.
Макданиел ја освои наградата за најдобра споредна актерка за улогата во филмот „Одвеано со виорот“. Меѓутоа, од неа било побарано да седи на друга маса.
Поминаа 51 година додека Оскар за глума повторно не освои некоја Афроамериканка и тоа повторно за споредна улога – Вупи Голдберг во филмот „Дух“.
Доделувањето Оскар првпат беше пренесувано на телевизија во 1953 година, а првиот Афроамериканец, награден со Оскар за глума, беше Синди Поатје за улогата во филмот „Полски лилјани“во 1963 година.
Меѓу настаните кои се издвојуваат во историјата на доделување на оваа награди, е и церемонијата од 1968 година која беше одложена за два дена поради убиството на Мартин Лутер Кинг, на 4 април.
Единствено во 1969 година се доделени две награди во категоријата за најдобра актерка, кога Оскар освоија Кетрин Хепберн за „Зимата на еден лав“ и Барбара Стрејсенд за „Смешна девојка“. Хепберн не присуствуваше на церемонијата.
Еден од најпознатите настани што го одбележаа доделувањето на наградата на Академијата беше во 1973 година, кога Марлон Брандо го доби ова признание за улогата на Вито Корлеоне во „Кум“, но тој ја бојкотираше церемонијата поради начинот на кој се прикажуваат Индијанците во филмот и на телевизија.
Наместо него, на бината во традиционална облека на Апачите се појави актерката и активистка за правата на Индијанците, Сашин Литлфедер, но одби да ја прими златната статуетка.
Прва и засега единствена Афроамериканка, која доби Оскар за најдобра актерка, беше Хали Бери во 2002 година.
Наградата им ја посвети на „сите обоени жени без име и лице, кои сега имаат можност, бидејќи вечерва оваа врата е отворена“.
Филмот „Господарот на прстените: Враќањето на кралот“ имаше најголем успех во историјата на доделувањето на Оскарите, кога во 2003 година победи во сите категории во кои беше номиниран.
Тоа е трет филм во историјата на доделување награди, кој освои 11 Оскари, покрај „Бен Хур“ од 1959 година и „Титаник“ од 1997 година.
Истата година, Роман Полански освои Оскар за најдобар режисер за филмот за холокаустот „Пијанист“, но не можеше да дојде на свеченоста во Лос Анџелес, бидејќи САД го бараа поради обвинение за силување малолетничка во 1977 година.
Во 2009 година, Кетрин Бигелоу стана првата жена што освои Оскар за најдобар режисер за филмот „Катанец за болка“.
Доделувањето на наградите во 2013 година беше обележано со мал инцидент, кога Џенифер Лоренс падна додека се качуваше на сцената за да ја прими статуетката за најдобра актерка за улогата во филмот „Во добро и во лошо“.
Откако публиката ја награди со овации, Лоренс се пошегува дека тие стоеле само затоа што таа паднала.
Втора година по ред, сите 20 номинирани за актерство беа белци, што предизвика критики и кампања на социјалните мрежи под мотото „Зошто се Оскарите толку бели“, а Академијата ги објави плановите за зголемување на бројот на жени и припадници на малцинствата.
Минатата година, „Месечина“ стана прв филм чија цела екипа е составена од Афроамериканци, кој освои Оскар за најдобар филм.
На тоа претходеше скандал, бидејќи зад сцената по грешка дошло до замена на пликоата, па прво беше кажано дека наградата му е доделена на мјузиклот „Ла Ла Ленд“.