Граѓаните повторно можат да поднесуваат барања за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост во Управата за имотно правни работи, соопшти Министерството за финансии.
– Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, кои стапија на сила вчера, на граѓаните им се дава повторно ова право. Имено од истекување на претходниот рок на 15 декември 2014, до денес, граѓаните законски не можеа да поднесат барање за приватизација, велат од министерството.
Документите кои треба да се приложат кон барањето се: фотокопија од лична карта или пасош, правна основа врз основа на кое е стекнато правото на користење на земјиштето (закон, тапија, пресуда, договор, решение, одлука на надлежен орган) и податоци за земјиштето, односно имотен лист од катастар на недбижности или поседовен лист од катастарот на земјиштето.
Барањата се поднесуваат во подрачните единици на Управата за имотно правни работи во општината во која се наоѓа земјиштето.
Крајниот рок за поднесување на барање за приватизација на државно градежно земјиште е 31 декември 2021 година.