Граѓаните до есен ќе добијат финален производ – веб апликација, видео и мултимедијална игра за Граѓански буџет од решенијата кои победија на Фин Хакатонот. По изборот на победниците, министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека очекува од нив да направат готов производ со кој ќе се доближи буџетот и јавните финансии до граѓаните.
Тој истакна дека придобивки од Фин Хакатонот имаат и граѓаните и учесниците. Граѓаните преку перспективата на учесниците добиваат алатки со кои имаат подобар пристап и подобра контрола над јавните финансии. Сите натпреварувачи, рече министерот, добија одлична можност за промоција, додека победниците делат награден фонд од 1.5 милиони денари и имаат можност да започнат сопствен бизнис.
-Овие млади и талентирани луѓе работеа 48 часа без престан во Министерството за финансии. Горди сме што на Фин Хакатонот дојдоа луѓе кои се способни за многу краток период, практично за еден викенд да создадат нови и иновативни производи, кои се воедно и многу креативни. Останува тие да се доразвијат до финални производи. Сепак, според енергијата која ја имаат тимовите цврсто сме убедени дека тие ќе успеат тоа да го направат – рече министерот за финансии Драган Тевдовски по прогласување на победниците.
На Фин Хакатонот победија два тима.Тимот составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска Стојановски и Георги Михаилов имаа најдобра видео и мултимедијална игра. Најдобра веб апликација пак, понуди тимот составен од Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Столеска, Александар Трпески и Александар Бакo Марковски.
Како што истакна Стефан Митевски од тимот кој победи со најдобра игра и најдобро видео, за да јавните финансии станат поразбирливи за обичните граѓани, тие го претставиле државниот буџет преку домашниот буџет на просечен граѓанин.
-Клучното беше што наместо да зборуваме за големи бројки како 200 милијарди, решивме да го префрлиме буџетот на ниво на еден граѓанин. Тргнавме од претпоставка дека еден просечен граѓанин има просечна плата од 24 илјади денари, а потребите за месечни трошоци му се 26 илјади денари. Ја поистоветивме државата со Петар и со тој лик направивме едно кусо видео. Направивме и игра наречена „Кој сака да биде министер за финансии“. Таму разни министри даваат предлози за капитални проекти и врз основа на тие барања корисникот треба да алоцира различна сума. Ако даде добра сума тогаш ќе бидат задоволни сите, ако не даде добра сума, тогаш излегува натпис во весник и има медиумски хајки- рече Митевски.
Теди Пејоски од тимот со најдобра веб апликација рече дека идејата на апликацијата е буџетот да биде прилично интерактивен и со тоа транспарентен за граѓаните.
-Кога дојдовме во Министерството за финансии немавме доволно информации за јавните финансии и сметам дека бенефит е се она што го научивме за овој викенд. Има уште доста работа, меѓутоа основните концепти ги имаме разработено и верувам дека соработката заедно со Министерството и Фондот за иновации ќе вроди со успешна алатка која ќе може да ја користат граѓаните – рече Пејоски.
Фин Хакатонот е организиран од Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој. Целта беше во ограничен временски период од 48 часа во Министерството за финансии млади луѓе да креираат алатки за Граѓанскиот буџет.