Ракхманин: На македонското земјоделство му се потребни иновации и дигитализација

172

Иновации и дигитализација, современи технологии и опрема, подобрување на врските меѓу производителите, преработувачите и пазарите, како и зајакнување на советодавните услуги за земјоделците, му се неопходни на македонскиот аграр, порачува Владимир Ракхманин, помошник-генерален директор на ФАО и Одговорно лице за Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија.

Во интервју за МИА, Ракхманин потенцира дека Македонија е на вистинскиот пат и ФАО е подготвено да ја поддржи во наредокот, но, е потребно уште многу работа.

Според него, мора да се реши проблемот со расцепканите површини, а потребна е и што поскора трансформација кон одржливи системи за храна.

– Во дигиталната ера, малите стопанственици и семејните фармери во Македонија имаат потреба од постојана иновација, а за тоа им е потребна подобра поддршка преку зајакнати, инклузивни и плуралистички советодавни услуги – истакнува Ракхманин.

Во врска со конкурентноста на европскиот пазар која посебно ќе биде изразена по евентуалниот влез на Македонија во ЕУ, одговара дека производите од трудово-интензивните потсектори имаат подобри шанси, како и производите со локален карактер, особено органските.

– Слободната трговија е од корист за земјата ако се фокусира на производство во области каде што има компаративна предност – посочува помошник-генералниот директор на ФАО и додава дека честопати е тешко малите и расцепкани семејни фарми во Македонија да ги исполнат меѓународните стандарди за квалитет и маркетинг.

За субвенциите и нивната оправданост, нагласува дека е позитивно тоа што земјите од регионот финансиски го поддржуваат земјоделскиот раст и руралниот развој, земајќи ги предвид социјалните аспекти.

– Во овој контекст, ФАО препорачува повеќе да се стави фокус на иницијативите за поддршка и развој кои помагаат да се зголеми конкурентноста на земјоделскиот сектор во целина, преку подобрување на условите за работа на земјоделците и зголемување на нивниот пристап до знаење, што води кон креирање работни места и воспоставување појаки советодавни системи – нагласува помошник-генералниот директор на ФАО.

Негова оценка е дека родови нееднаквости и натаму се застапени во руралните средини, но, Владата, како што вели, е свесна за тоа и препознава дека еднакви можности за жените и мажите се од суштинско значење за одржлив развој во овие подрачја.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...