Здружението за наука и култура „Нова“ во Битола ќе го организира 10. Меѓународен поетски фестивал „Поетски синтези-2018“. Фестивалот вечер во 19 часот во Центарот за култура ќе почне со сценска изведба на поемата „Бегалци од својот дом“ од поетесата Мирјана Стојановска, во изведба на актери на „Интимен театар“ Битола.
Потоа ќе биде претставен црногорскиот поет Борис Јовановиќ-Кател со поетската книга „Чекаат ли бродовите“, а на фестивалската вечер ќе се слушнат стихови и од поети од Здружението на автори на дијаспората со седиште во Франкфурт.
Здружението „Нова“ соопшти дека ќе потпише повелба за соработка со Здружението од Франкфурт и со Медитеранската поетска асоцијација од Подгорица.
Во вториот дел на фестивалската вечер ќе бидат доделени награди кои „Нова“ им ги доделува на автори од Македонија и од дијаспората со цел афирмација и негување на македонскиот јазик, литература и култура и градење мостови за меѓународна културна соработка.
На фестивалот „Поетски синтези“ во изминатите 10 години учествувале повеќе од 200 домашни и странски поети, а беа одржани и научни симпозиуми и промовирани зборници.