Монсуните ги притискаат спасувачите во Тајланд да преземат ризична акција (ВИДЕО)

Нема план момчињата да се извлечат во текот на ноќта, но ако паднат силни дождови во пештерата во Там Луанг, спасувачите ќе мора да ги сменат плановите.

1044

Тајландските власти вечерва соопштија дека 12-те деца и нивниот тренер кои веќе 15 дена се заробени во поплавената пештера во Тајланд, сѐ уште не се подготвени за нуркање, јави Скај њуз.

– Момчињата не се спремни. Тие не можат да нуркаат во овој момент – рече вечерва Наронгсак Осотанакорн, командант на спасувачката мисија.

Тој додаде дека нема план момчињата да се извлечат во текот на ноќта, но ако паднат силни дождови во пештерата во Там Луанг, спасувачите ќе мора да ги сменат плановите.

Претходно, денеска Си-ен-ен јави дека во пештерата значително опаѓа и нивото на кислород. Нивото на кислород опаднало за 15 проценти што би можело да доведе до големи здравствени потешкотии за децата.

Една од можностите првично беше децата да останат во пештерата повеќе од четири месеци, додека помине сезоната на монсуните и опадне нивото на водата. Но, смртта на искусниот тајландски нуркач Саман Кунан што се случи синоќа најверојатно ќе ја забрза целата операција за спасување.

– Не можеме веќе да чекаме сите услови да се усогласат. Прво мислевме дека децата можат да останат таму многу подолго. Но, околностите се сменија. Сега сме ограничени со време – рекол еден од спасувачите.

Во акцијата за спасување се вклучил и данскиот нуркач Иван Караџиќ, кој за Скај њуз рекол дека очекува дека акцијата за спасување да почне многу брзо.

– Ќе биде многу тешко, но мислам дека акцијата ќе почне наскоро, денес или утре. Ова ќе биде огромен предизвик – вели тој и додава дека малкумина нуркачи во светот имаат искуство во извлекување деца од поплавена пештера.

Тајландскиот спасувач Саман Кунан загина синоќа откако влегол во пештерата за да испорача боци со кислород. Кога тргнал да се врати во командниот центар, останал без воздух. Обидите за негова реанимација биле безуспешни.

Во меѓувреме се појави и снимка од Кунан, направена пред да тргне во пештерата.

– Ќе ги вратиме децата дома, се гледаме вечерва – вели тој на снимката.

Во меѓувреме, спасувачите не се откажуваат од барање алтернативни начини да влезат во пештерата. Се бараат пукнатини и дупки над пештерата преку кои би можело да се дојде со децата. Голем број војници и други експерти ја пребаруваат шумата барајќи скриен влез во пештерата.

Си-ен-ен јави дека бил откриен еден влез, преку кој тим од шестмина спасувачи се спуштил со јаже до длабочина од 275 метри. Но за жал, од тој влез немало пристап до децата иако GPS координатите покажале дека децата се оддалечени само 275 метри.

Во пештерата, пак, се прикачени јажиња за да им помогнат на спасувачите. Тие се движат низ длабока вода, со светилки на главите. Како што се пробиваат водата одеднаш им доаѓа до врат, а тунелот станува сè потесен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...