Лажниот гинеколог, кој никогаш не учел медицина, а цели 10 години во Австралија се претставувал како стручњак за неплодност, е осуден на девет години затвор. Судијата на Окружниот суд на австралиската држава Викторија, Бил Стјуарт, го опишал осудениот Рафаел ди Паоло (61) како „бескрупулозен шарлатан“, пренесува АП.
Порано оваа година, Ди Паоло ја признал вината и е осуден за 51 сексуален престап кој го вршел по пат на измами и напади, но и за инкасирање големи парични средства низ уплати за лекарски прегледи и третмани.
Овој австралиско-италијански државјанин ги фалсификувал квалификациите во Италија во 90-тите години. И во Италија е осуден и парично казнет, бидејќи лажно се претставувал како лекар, но успеал да убеди двајца судии во Рим дека е квалификуван да се занимава со медицина во Австралија. Се вратил во Мелбурн и лекувал 30 жени и нивните партнери од 2005. до 2015 година, додека квалификуваните медицински професионалци ги убедувал дека е легитимен лекар, иако имал лажни италијански докази за тоа.
Инаку, неговите наводни третмани на вештачко оплодување опфаќале вбризгување хомеопатски супстанции, земање примероци од крвта, кои никогаш не биле испитани, и спроведување абдоминални тестови и ултразвучни прегледи.
Лажниот гинеколог на многу жени им рекол дека се бремени, иако тоа не биле, додека една навистина бремена жена абортирала откако тој и вбризгал непозната супстанција. Покрај тоа, некои болни зафати, вклучувајќи ги над мажите, ги изведувал без анестезија.
– Вие сте најобичен шарлатан кој нема нималку грижа на совеста, туку само можеби многу самосожалување. Намерно сте ги мамеле своите жртви, сте ја изневериле довербата која ви ја подариле. Сте охрабрувале лажна надеж, неоправдано сте ги допирале и сте им продирале во телата, и за тоа сте добивале големи парични средства – му рекол судијата на Ди Паоло.
Судијата го отфрлил аргументот на адвокатот на одбраната дека дијагнозата – нарцисоидно нарушување на личноста на Ди Паоло – би требало да влијае на скратувањето на неговата затворска казна.