Штета е кога летувате на море, а особено во Грција, да не јадете риба – ако не секој ден, тогаш барем секој втор ден. На тие што летуваат во хотели, им посакуваме добар готвач. И подлабок џеб, за да вкусат риба во ресторан. Но, за тие што летуваат во апартмани и студија, во кои има шпорет со рерна, имаме специјален совет – во багажот спакувајте и кесички за печење (грил бегс), хартија за печење и добар зачин, односно микс за печење риба. Внимавајте, добриот зачин мора да содржи најмалку рузмарин, лук и чили. Го има и во сите подобро снабдени маркети во Грција.
Зошто да печете риба сами, а не да ја консумирате во рестораните? Освен факторот цена, кој секако не е за занемарување (1 килограм свежи сардини или помали скуши во рибарниците може да се купи за цена од 5 до 7 евра, колку што чини најевтината порција во ресторан, со одвај 200 грама риба), има уште еден важен фактор – здравјето. Имено, кога ќе порачате свежа риба во ресторан, на скара или пржена, никогаш не сте сигурни дали на истата скара не се печени свински ражниња, на пример, или во фритезата, во истото масло за јадење, не се пржени компири. Последиците ви се познати – после вкусната вечера, следува ноќ на борба со желудочните киселини.
Има едноставен начин да ги прескокнете проблемите – подгответе риба самите. Брзо, евтино и здраво!
Видете го рецептот на Арткујна