Потребен е регистар на занаетчии, нивно поврзување со средните стручни училишта, промена во даночната политика за оваа сфера и нов систем за субвенционирање, покажала студијата „Преку проценка на влијанието на регулативата на занаетчиската дејност до подобрување на деловната клима“ на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје.
Истражувањето направено за студијата, што беше промовирана денеска, покажало дека постои слаба информираност на занаетчиите за законските регулативи, и оти е потебна нивна целосна имплементација, како и донесување на подзаконските акти за да може да профункционира регистарот на занаетчии.
– Преку регистарот на занаетчии, многу лесно ќе се утврди бројката на занаетчии во Република Македонија. Понатаму, потребно е поврзување на занаетчиите со средните стручни училишта, со цел образовните програми да бидат прилагодени на потребите на праксата, но и да се изврши преоценка на предностите и недостатоците на средното стручно образование – посочуваат од Институтот.
Студијата покажала и дека давачките по основ на даноци се голем товар за занаетчиите, како и оти Македонија од сите земји во регионот има најнизок праг за влез во ДДВ. Исто така, било констатирано и дека нелојалната конкуренција е на штета на занаетчиите кои работат согласно со прописите.
Резултатите од студијата укажуваат и на потребата да се подготви и нов систем на субвенционирање кој ќе биде рамномерно насочен кон потребите на различните занаетчии зависно од нивниот вид и големина, а особено за субвенционирање на чираци и занаетчии кои ангажираат чираци.
Студијата се темели на спроведено емпириско истражување (анкета, фокус групи, тркалезни маси) во врска со ефектите на Законот за занаетчиство.
Студијата на ИСИЕ нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено Министерството за економија, Министерството за образование и наука, занаетчиските комори и општините.