Иако Македонија има рамни даноци, и во однос на основните даноци (данок на добивка, данок на имот, персонален данок и ДДВ) ги има едни од најниските даночни стапки во регионот и во Европа, ефективното оптоварување со давачки за компаниите е од поголеми размери. Вообичаено, во земјите со рамен данок експоненцијално расте висината на неданочни и парафискални давачки, а случајот на Република Македонија е неспорна потврда за тоа.
Во основа, тоа се сите „скриени“ давачки, дополнително од даноците – сите видови на надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи, кои ги воведуваат централната власт, општините, независните агенции, регулаторните тела, бироа, управи, фондови и други организации. Во моментот постојниот систем на ваквите „скриени“ давачки е непредвидлив и непостојан, и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство.
Стопанската комора на Македонија неодамна ги презентираше резултатите од спроведеното истражување за бројот и висината на неданочните и парафискалните давачки во државата.
– Целта на истражувањето во кое се анализираше периодот од 2008 до 2016 година, беше да се спроведе соодветна финансиска анализа на наплатените приходи по тој основ во буџетот, потоа, да се направи анализа колку по основ на парафискални давачки плаќаат избраните правни субјекти како примерок и колкаво е нивното оптоварување, а со тоа да се добие слика за оптоварувањето на бизнисот со парафискални и неданочни давачки и да се изведат заклучоци и предлог-мерки со основни препораки за унапредување на целиот систем на парафискални давачки во Република Македонија, – вели Анета Трајковска, в.д. оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.
– При тоа, посочува Трајковска, најголем проблем претставува околноста што во моментот согласно важечката законска регулатива, постои неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, одлуки на единиците на локалната самоуправа, одлуки на управните одбори на агенциите или одборите на јавните претпријатија, да се воведуваат разни давачки кои тешко се контролираат, па Министерството за финансии не може да има комплетна слика и некој вид контрола врз овој систем во нашата земја. Дополнително, овој процес се карактеризира со отсуство на транспарентност, што го отежнува следењето на воведувањето на определени давачки или нивните промени.
Износите наплатени по основ на неданочни и парафискални давачки се незанемарливо големи, и овие давачки се во континуиран пораст од година во година, што е состојба евидентна и кај данокот на додадена вредност, персоналниот данок и акцизите како најзначајни приходи во буџетот. Податоците покажуваат дека парафискалните и неданочни давачки во 2016 година заземаат значително учество од 14%, наспроти персоналниот данок 12% и данокот на добивка 9%. Имено, парафискалните давачки со учество од 14% заземаат трето место во однос наплатените приходи во буџетот во 2016 година, односно веднаш после данокот на додадена вредност (41%) и акцизите (20%), а пред персоналниот данок (12%), данокот на добивка (9%) и увозните давачки (4%).