Се сврте бројчаникот – Екс градоначалникот на Центар врати 433.000 евра

Тројцата осомничени од поранешната локална власт во Центар ги вратиле парите, а предметот понатаму продолжува во рацете на обвинителството за докажување на нивната кривична одговорност.

4952

Поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, тогашниот секретар во Општината, М.Т. и вработен во Секторот за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина, Д.Р., со склучувањето на договорот и изградбата на пешачкиот мост „Око“, дел од проектот „Скопје 2014“, ја оштетиле општинската каса за повеќе од 26 милиони денари или околу 433.000 евра.

Тие добија кривична пријава од финансиската полиција за несовесно работење во служба.

Кога завршила истрагата, директорот на Финансиска Арафат Муареми рече дека осомничените се согласиле дека направиле штета и пред четири дена, на 30 јуни, ги вратиле парите. Од Општина Центар потврдиле дека во касата се легнати парите. И покрај тоа што се вратени парите, овој случај за несовесното работење продолжува пред обвинителството.

Договорот за изградба ма мостот „Око“ се склучи во септември 2009 со фирмата Конструктор Инженеринг АД за градежништво Сплит, а неговата вредност најпрво изнесуваше над 92 милиони денари, но со анекс потпишан 2010 вредноста се зголемила на речиси 120 милиони денари или речиси два милиони евра. Рокот за изградба бил 18 месеци односно до 27 јануари 2012 година, а согласно договорот Тодоровиќ исплатил аванс од 20 отсто од сумата.

Во оваа градежна зделка, општинскиот секретар бил потписник на обрасците односно барањата за плаќање и имал обврска да ја проверува документацијата која била во прилог со образецот што му налага и да следи дали изградбата на мостот тече според условите во договорот. По третопријавениот, пак, Тодоровиќ го назначил како одговорен да ја следи реализацијата конкретно само на тој договор и да ја надгледува работата, како и да го известува градоначалникот до каде е проектот.

Поради неисполнување на обврските, прекршување на рокот за изградба и неквалитетно работење, Центар го раскинал договорот со фирмата, а за довршување на изградбата на мостот општината спровела нова постапка за јавна набавка и склучина договор со друг изведувач.

Меѓутоа, тројцата осомничени не ги наплатиле банкарските гаранции кои ги дала фирмата како услов дека ќе го почитува условите и роковите во договорот и анексот.

Како што појасни началничката на Управата за финансиска полиција, Сузана Петровска, тие при вршење на дискреционо овластување и со проширување на должниот надзор несовесно ги извршиле своите овластувања и должности и не ги наплатиле двете банкарски гаранции за дадениот аванс во вредност над 8 милиони денари, а не наплатиле уште една банкарска гаранција од речиси 18 милиони денари која фирмата ја дала гарантирајќи дека навремено и квалитетно ќе го изгради мостот.

Со тоа, осомничените ѝ нанеле штета на општинската каса од точно 26.653.424 (околу 433.000 евра).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...