Вработените од „Еурокомпозит“ нема да го прекинат протестот пред Владата и покрај одлуката од вчерашната владината седница за линеарна исплата на нивните примања, со половина од позајмицата од шест милиони денари, што треба да се обезбеди од ЕЛЕМ и МЕПСО, вели претседателот на синдикатот на вработените Роберт Богданоски.
Тие од вчера поставија шатори спроти Владата, барајќи решавање на статусот на оваа државна компанија што работи со загуби, и исплата на заостанатите 18 плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување за изминатите шест години.
– Тоа не е решение за нашиот проблем, бидејќи е исплата на една минимална плата. Бараме решавање на пензиското и здравстевното осигурување. Остануваме тука се додека не ни се решат проблемите – изјави Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација на „Еурокомпозит“.
Согласно одлуката на Владата, од позајмицата од енергетските компании, покрај три милиони денари за линеарна исплата, 30 проценти ќе бидат наменети за набавка на репроматеријали, а останатите за тековно одржување на капацитетот со намена производство на воена и полициска опрема.
Воедно Владата го задолжи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во согласност со позитивните законски прописи, во најскоро можно време да најде конечно решение за состојбата во „Еурокомпозит“.
„Еурокомпозит“ има 260 вработени. За планираната продажба на прилепската фабрика, за која според Владата има интерес од инвеститори, се прават потребните процени. За таа намена е објавен тендер за избор на консултант.