Нема чума во Македонија

80

Кај овците и козите во Македонија не е евидентирана болеста „чума“ што беше потврдена на 22 јуни во Бугарија. На терен се спроведува мониторинг и ако се забележат какви било симптоми, ќе се реагира соодветно, соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Според него, се преземаат мерки превентивно за да се подигне свеста на повисоко ниво и откривањето на болеста, ако случајно се појави, да биде навремено.

– Преземени се сите мерки, изречена е и забрана за увоз и транзит на овци, кози и нивни производи. Во Бугарија болеста е ставена под контрола, нови жаришта нема и опасноста е сведена на минимум, потенцира Атанасов по настанот со кој и официјално заврши проектот на АХВ за поефикасна контрола на безбедноста на храната и јакнење на институциите во оваа насока.

Атанасов во обраќањето по овој повод рече дека изминатите 18 месеци, со италијанска помош, е изработена првата стратегија за благосостојба на животните, подобрен е системот за контрола на болестите со акцент на „синиот јазик“, инфективната анемија кај коњите и „чворестата кожа“, како и на болестите што се пренесуваат со вектори, „западнонилска треска“ и „лајшманиоза“. Направена е и ревизија на Акцискиот план за бруцелоза, а верификувани се и процедурите за биосигурносните мерки на свињарските фарми. Исто така се подготвени и планови за следење и надзор на паразитските болести.

Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје нагласи дека особен напредок е постигнат во фитосанитарната политика но, како што рече, преостанува уште многу работа во делот на безбедноста на храната што мора да продолжи и по завршувањето на проектот.

– Најголем е проблемот со координацијата меѓу државните институции. Ако тоа се подобри, тогаш секоја одлука за заштита ќе биде полесно и подобро менаџирана, односно полесно ќе се справите со евентуални нови жаришта или болести, порача Бертолини.

Проектот вреден 751.473 евра се спроведуваше година и пол, а целта беше јакнење на пазарната економија и конкурентноста на македонските производи на европскиот пазар, како и гарантирање на заштитата на правата на потрошувачите преку обезбедување високи стандарди за безбедност на храната.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...