Како ќе се извлечат живи дванаесетте момчиња и нивниот тренер кои по девет дена вчера беа пронајдени од британски спасувачи-нуркачи во пештера во Тајланд, еден километар под земјата?
Децата се пронајдени живи и само со полесни здравствени проблеми, но се претпоставува дека ќе поминат недели или месеци додека почне нивното извлекување на земјата од поплавената пештера.
Децата на возраст од 11 до 16 години се пронајдени на три километри оддалеченост од главниот влез во пештерата. Со децата останал и еден од лекарите кои во пештерата влегле со спасувачката екипа.
Спасувачите успеале да постават телефонска линија за децата да се слушнат со своите родители.
Гувернерот на провинцијата Чианг Раи, Наронгсак Осотанакорн, изјави дека нивото на водата во пештерата е сѐ уште премногу високо, а децата се премногу заслабнати за да пливаат или да нуркаат. Тој ги отфрли информациите дека спасувањето може да трае со месеци.
Една од можностите да се спасат е момчињата да научат да нуркаат. Оваа опција е најбрза, но и најопасна. Децата не знаат да пливаат, а треба да научат да нуркаат низ брзи буици, слаба видливост и тесни пештерски премини.
Друга опција би била да се чека да се повлече водата за групата да може да излезе пеш, но за тоа може да минат месеци бидејќи почнува сезоната на монсуните.
Се разгледува и можноста да се избуши дупка и да се кренат децата, но и тоа е тешка задача.
Додека чекаат да бидат извлечени, момчињата мора да останат смирени и на издигнатината на која сега се наоѓаат. Ако, не тие лесно може да паднат или да ги однесе водата.
Денес на децата им била доставена храна и парацетамол. Во тек се подготовки да се испрати храна за четири месеци и да ги истренираат сите 13-мина да нуркаат, додека истовремено се извлекува водата од пештерата. Однесени се стотици резервоари со кислород во пештерата.
– Момчињата се ментално стабилни, што е многу добро. За среќа, тренерот бил разумен и ги држел сите заедно еден покрај друг за да ја зачуваат нивната енергија. Во основа, тоа ги спасило – истакна Бен Рејменантс, белгиски нуркач, кој помагал во спасувачката операција.