Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Софија се сретна со неговиот црногорски колега Душко Марковиќ, со кого заеднички оцениле дека регионалната соработка се одвива ефективно, во интерес на потребите на граѓаните и на евро-атлантските интереси на регионот.
За време на разговорот, како што соопшти владината прес-служба, било констатирано дека соработката меѓу бизнис коморите на двете земји е добра и се очекува унапредување на бизнис соработката меѓу двете држави.
Во таа насока било истакнато дека од голема важност обезбедувањето авио линија Скопје – Подгорица – Сараево, за која биле споделени најновите информации за реализација на оваа иницијатива.
На средбата во Софија се разговарало и за реализација на проекти од областа на здравството, во интерес на граѓаните на двете земји.
Двајцата премиери размениле мислења за важни политички прашања во делот на напредокот кон ЕУ, како и НАТО интеграциите на Република Македонија.
– Зголемен е интересот за инвестирање во Македонија по покренатите реформски процеси во државата и отворените перспективи на Македонија за НАТО и ЕУ – рекол Заев.
Тој и неговиот црногорски колега се согласиле за имплементирање на европските препораки за политичкиот и економскиот развој на регионот.
Премиерот Зоран Заев е во еднодневен престој Софија за работниот ручек што премиерот на Република Бугарија, земјата претседавач со ЕУ, Бојко Борисов го приредува за Претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер и за лидерите од Западен Балкан.
На состанокот во Софија ќе присуствуваат и еврокомесарот Јоханес Хан и претставничката за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.