Амбасадорката на Европската унија во Тирана, Романа Влахутин изјави дека до јуни 2019 година, кога се очекува датум за почеток на преговорите за членство на Албанија во ЕУ, Тирана има голем предизвик поврзан со политчкото единство и забрзувањето на реформите.
Во обраќањето на Конференцијата на тема „Што ја очекува Албанија по заклучоците на Советот на ЕУ за општите прашања: Очекувања и должности”, евроамбасадорката упати апел за единство на албанските политички партии, бидејќи во спртивно, како што рече, процесот на интеграција ќе биде многу тежок.
– Ќе имате голем предизвик. Овој процес бара да има вистинско, а не реторичко единство, не единство во смисла на зборување за заедничките цели. Треба да биде вистинска национална цел за која ќе работат сите. Една работа што ја констатиравме во секоја друга земја и мислам дека ја гледам и тука е дека некои групи ќе разберат што значи ЕУ и може да учат од примерите на другите. Ќе има некои групи кои нема да сакаат да брзаат, бидејќи тоа не е во нивна корист, изјави Влахутин на Конференцијата, организирана од Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Влахутин посочи дека европската интеграција не е за луѓе кои имаат скриени програми или агенди.
– Важно е да се работи за ова единство. Тоа е одговорност и на мнозинството и на малцинството. Мислам дека мнозинството треба постојано да ја подава раката, бидејќи е важно да се создаде дијалог за ова национално обединување, бидејќи без тоа, тоа е многу тежок процес, речиси невозможен. Земјите од ЕУ го препознаа она што сте го направиле и мислам дека тоа е важно. Постои голема група на членки (на ЕУ) кои беа убедени дека реформите што се преземаат во оваа земја достигнаа фаза каде што можете да продолжите напред. Значи мора да докажете дека се во право. Има и неколку земји, така да речам не скептични, туку внимателни и треба да се обидете да ги убедите за да ја добиете и нивната подршка, додаде Влахутин.
Таа уште порача дека Албанија има „многу, многу пријатели“ и дека единственото нешто што треба да се направи е „земјата да го забрза овој мотор на реформи“.
– Тоа ќе биде тешка година, оценува евроамбасадорката, нагласувајќи дека што е можно поскоро треба да се постигне вистински консензус