Курц ја отфрла можноста мигранти да поднесуваат барања за азил надвор од ЕУ

Австрија го презема претседавањето со Европската унија од Бугарија, и нејзината Влада најави дека мигрантските прашања ќе доминираат со агендата.

129

Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц денеска ја отфрли можноста мигрантите да смеат да поднесуваат барања за азил во некоја од земјите на Европската Унија во планираните прифатни центри кои треба да се градат надвор од границите на ЕУ.

Во интервју за австриското радио, Курц изјави дека доколку се дозволи таква можност, ќе се создаде ефект голем број мигранти да се насочат кон овие центри. Според австрискиот канцелар, многу поекономично е на бегалците од кризните жаришта да им се нуди помош во соседните држави, блиску до нивните матични држави, место тие да се поттикнуваат на опасно патување преку Средоземно или Егејското море, со ветување за азил во ЕУ.

Лидерите на ЕУ на нивниот минатонеделен самит во Брисел зборуваа и за можноста да се отворат центри за обработка на барањата за азил во држави надвор од границите на ЕУ, во надеж дека на тој начин ќе се намали бројот на мигранти кои влегуваат на европска територија. Курц воедно негираше дека се меша во внатрешните германски политички случувања, и покрај неговите блиски контакти со баварската партија ЦСУ, која побара промени во германската мигрантска политика и предизвика криза во коалицијата на Ангела Меркел.

Австрија го презема претседавањето со Европската унија од Бугарија, и нејзината Влада најави дека мигрантските прашања ќе доминираат со агендата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...