Со откупување на вкупните побарувања што меѓународната компанија Universal Minerals Limited ги имаше од Фени Индустри во стечај, од страна на ГСОЛ/ ЕуроНикел, како и тоа што Фени Индустри продолжи со работа и покрај тоа што е во стечај, продолжи и деловното присуство на Universal Minerals Limited во Македонија.
UM Limited, компанија регистрирана во Велика Британија, а во целосна сопственост на Universal Minerals International, Inc., што пак е финансиски силна американска компанија, со седиште во Тусон, Аризона, беше еден од најголемите доверители на Фени Индустри со побарување од 2.2 милиони евра. Оваа компанија била долгогодишен партнер на Фени Индустри, меѓутоа како и сите други доверители, Universal Minerals Limited се соочи со ризикот да генерира значајни загуби токму заради неплатените долгови на Фени. Сепак, како што истакнуваат претставниците на компанијата, и покрај предрасудите што како и секоја друга засегната страна ги има кога станува збор за стечај, Џорди Енсио, претставникот на UM Limited вели дека крајниот резултат од целокупната стечајна постапка е повеќе од задоволувачки.
– Сите имаме предрасуди кога станува збор за стечајна постапка. Меѓутоа, како меѓународна компанија презадоволни сме од начинот, постапката и ефикасноста на целата стечајна процедура и органите на стечајната постапка и нормално од крајниот резултат. Земајќи предвид дека како компанија доверител нашето побарување беше во целост откупено, а уште поважно е што и Фени продолжува со работа, со тоа продолжува и нашата соработка, овој пат со ЕуроНикел. За нас како странска компанија е од исклучителна важност земјите во кои сме деловно присутни да имаат позитивна деловна клима, независно и ефикасно судство, ефикасна администрација, стабилна законска регулатива. Токму преку примерот на Фени, се праќа позитивна порака до странските компании дека нивните инвестиции, деловни односи со домашни компании се безбедни – вели Џорди Енсио од Universal Minerals.
Откако Фени Индустри повторно произведува, Universal Minerals Limited ја продолжи својата соработка со ГСОЛ/ ЕуроНикел. Веќе е склучен нов комерцијален договор кој што се реализира и ветува успешна соработка. Во ГСОЛ/ ЕуроНикел како нов инвеститор на Фени Индустри, Universal Minerals Limited гледа свој стратешки партнер и инвеститор со кој заедно, повторно ќе постигнува одлични деловни резултати.