Сремски Карловци има Музеј на кибритот

115

Во српскиот град Сремски Карловци, познат по виното и фестивалите, постои и уникатен Музеј на кибритот.

Сопственичката на музејот Јована Поповиќ Бенишек изјави дека таа само го продолжила хобито на својата помајка, познатата глумица Јасна Новак, која започнала да собира кибрити уште во 50-те години на минатиот век, додека живеела во Прага. Во чешкиот главен град, каде и денес постои клуб на колекционери на кибрити, Новак за десет години собрала околу 20.000 примероци од сите делови на светот.

Во музејот се наоѓаат кибрити во различни форми, големини, дизајни и материјали. Има етикети со портрети на државници, со мотиви од флора и фауна, со превозни средства, со карикатури, со реклами за различни производи. Изложбата ја посетуваат туристи од целиот свет, а најинтересна е таа за децата.

Бенишек истакна дека во Европа постои само уште еден ваков музеј, во Шведска.

Целта на сопственичката е музејот да стане културен центар. Во него, освен кибритите, се изложени и голем број уметнички фотографии и слики, се организираат концерти и промоции на книги.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...