Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја следи состојбата со застојот во откупот на лубениците, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
– Нашите екипи се постојано на терен како што беше претходните недели кога имаше проблем со откупот на доматите и како што е познато Владата во вторникот донесе одлука за вкупна дополнителна субвенција од седум денари од предаден килограм домати во преработувачките капацитети – рече министерот Николовски, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Струмица.
Тој најави дека неделава ќе разговараат за проблемите со кои се соочуваат земјоделците во Струмичко и како и лани ќе стојат на располагање за да ги имаат сите анализи и податоци и ќе донесат соодветни мерки и навреме ќе се реагира.
На новинарско прашање за штетите на посевите од временските неприлики и дали Министерството има податоци колку земјоделците ги осигуруваат посевите, министерот Николовски рече дека осигурувањето е посебна тема на која Министерството е фокусирано и има среднорочна и долгорочна стратегија, кои се презентирани пред земјоделците и осигурителните компании.
Николовски смета дека земјоделците се демотивирани да ги осигуруваат посевите и покрај тоа што државата им обезбедува финансирање од 60 отсто учество во осигурувањето.
– Земјоделците се демотивирани заради самите постапки и несигурноста и затоа министерството влезе во интензивни разговоравме со штедилниците, банките и со осигурителните компании во овој дел за да ги олесниме процедурите – наведе Николовски.
Како што дополни, од следната година ќе се користат финансиските инструменти за дополнителна поддршка која ќе доаѓа преку реосигурителната компанија „Европа Ере“ која е формирана на регионално ниво, а во која има основачки влог Владата.
– Тоа значи дека земјоделците ќе добиваат дополнително обештетување во сите региони каде приносот ќе падне под одредена граница. Трета мерка која се разгледува е системот на воведување на сосема нов автоматизиран компјутерски центар и мапирање на сите точки во државата каде треба да инсталираме антиградобијна опрема – истакна министерот Николовски.
Според него, експертите лоцирале вкупно 181 точка каде треба да ги има тие системи и техничката документација за нив е подготвена. Паралелно со тоа од страна на ресорното Министерство се инсталирани три агрометереолошки станици во Струмица, Кочани и Градско, а следната година ќе се зголеми нивниот број.
Министерот Николовски потсети и дека е завршена поправката на Радарскиот систем во Ѓуриште и заедно со системот во Тополчани преку мобилна апликација на сите земјоделци ќе им даваат сосема точен преглед за временската состојба.
Тој информираше дека до денеска се исплатени 4,5 милиони евра за штетите предизвикани од невреме во минатата година и е направена проценка на поднесените 17.800 барања, а преостанатите, помалку од десет проценти од средствата, ќе бидат исплатени на почетокот на идната недела.