Азески во Подгорица: Зголемувањето на извозните капацитети да остане приоритет за Западен Балкан

Секоја од економиите во регионот мора да се сврти кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап кој подразбира  динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста, а со тоа и зголемување на извозните капацитети на компаниите, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија.

135

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески зема учество на завршната регионалната конференција „Западен Балкан и ЕУ – каде продолжуваме понатаму”, која се одржува во Подгорица, Црна Гора од 28-30.06.2018 година.

Азески, заедно со претседателите на Стопанските комори, членови на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) се обрати на панелот посветен на прашањата за улогата на стопанските комори во креирањето на партнерство помеѓу бизнис заедницата и граѓанскиот сектор во процесот на европски интеграции на земјите од Западен Балкан.

Стопанските комори во регионот на Западен Балкан преку формирањето на Коморскиот инвестициски форум дадоа свој конструктивен придонес во насока на обезбедување поддршка на  Владите да ги направат неопходните економски реформи, како предуслов да се обезбеди зголемување на конкурентноста на регионот, како основен фундамент за раст на извозот и вработувањето, паралелно со политичкото и нормативното приближување кон ЕУ.

– Поединечно секоја од земјите во регионот се соочува со слаба конкурентност и релативно низок економски раст, но за да се постигне раст неопходно е прво да се фокусираме на решавање на темелните структурни проблеми, во кои основен приоритет е индустријализацијата и зголемување на капацитетите за извоз. Секоја од економиите во регионот мора да се сврти кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап кој подразбира  динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста, а со тоа и зголемување на извозните капацитети на компаниите. На таков начин ќе се создаде многу поатрактивен инвестиционен амбиент во регионот – посочи Азески.

Во рамките на панелот, се дискутираше како можат да бидат надминати старите политички и историски проблеми преку нова зголемена економска соработка на регионот, и колку за овие процеси можат да придонесат регионалната, билатералната и мултилатералната соработка во регионот на земјите од Западен Балкан. 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...