Македонија напредува во енергетскиот сектор

174

Македонија направи голем напредок во имплементација на „меките мерки“ во енергетскиот сектор изминатава година, заклучи Енергетската заедница во „Мониторинг извештајот за електрична енергија во земјите во Западен Балкан“.

За споредба, во јуни 2017 година спроведувањето на меките мерки (мерки кои се однесуваат на развивање на пазарот на електрична енергија, мерки за прекугранично балансирање, мерки поврзани со регионална распределба на капацитети и вкрстени мерки) било на ниво од 37 отсто, додека во јуни 2018 година достигна ниво од над 50 отсто. Напредокот почна по одржување на Самитот за Западен Балкан во Трст, а во најголема мера се должи на донесувањето на новиот Закон за енергетика, во кој се имплементирани европските директиви и регулативи од Третиот енергетски пакет.

Најголемо поместување има во спроведување на мерките за развојот на пазарот на електрична енергија, кои пред Самитот во Трст беа на ниво од околу 18 отсто, за да по донесувањето на новиот Закон за енергетика достигне ниво од 44 отсто. Преку новиот Закон за енергетика се овозможува воспоставување на пазарниот механизам „ден однапред“ во Република Македонија и во моментов, само Босна и Херцеговина, од земјите во регионот нема воспоставено ваков пазарен механизам, заклучуваат од Енергетската заедница.

Кога станува збор за останатите категории кои се споредуваат, во спроведување на мерките за прекугранично балансирање има исто така значително подобрување, а од Енергетската заедница очекуваат со донесувањето на новите правила согласно Законот за енегетика дополнително подобрување во оваа област.

Подобрувања има и во имплементација на мерките за распределба на регионалните капацитети на електрична енергија, кои зависат од меѓусебната поврзаност на електро-енергетските системи во сите земји во регионот, како и во вкрстените мерки, со кои се влијае на дерегулација на цените и раздвојување на операторите со електрична енергија.

Податоците изнесени во извештајот се уште една потврда дека Македонија сериозно пристапи кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор, откако во јуни, по донесување на Законот за енергетика, Секретаријатот на енергетската заедница ги повлече и споровите покренати кон Република Македонија поради не спроведување на превземените обврски од Договорот за Енергетска заедница.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...