Креативна и претприемчива, со непресушен ентузијазам и исклучителна посветеност кон танцот и танцовата уметност Рисима Рисимкин, балерина, кореограф, менаџер и уметнички директор на Танц театар во Скопе, повеќе од две децении се бори и изборува за сувереноста на формата и правото на современата танцова култура во Македонија.
Повеќе од две децении преку директни контакти, перформативни чинови и артикулацијата на движењето, танцот, мислата и емоциите, ја анимира културната јавност во нашава земја. Особено младата популација, поттикнувајки го нивниот интерес и потенцијал активно да се вклучат во креативниот процес на создавањето на уметничкиот танц.
Па вели…
Ти треба простор за изразување?
Заинтересиран си за музика, танц?
Кореографија, сценографија,
Костимографија? Под менторство на познати македонски уметнички имиња и изрази ја својата уникатност.
И еве нѐ пред најновиот проект на Рисима Рисимкин „Инкубатор“ во продукција на
културниот центар „Interart“, со поддршка и финансиска помош на Амбасадата на Швајцарија во Македонија.
Во првата продукција на овој проект, насловена како „Ртулци“ вклучена е една поголема група млади луѓе (девојки и момци) од повеќе градови на нашава земја. Девојки и момци кои по четиримесечно активно работење со своите ментори, врз совладувањето на техниката и интердисциплинарниот систем на соремениот танц. Односно како и каде да се насочи концентрацијата на умот и самосвеста на создавањето, на 23. јуни оваа година пред бројната публика, во просториите на Кино Култура, ни го пренесоа резултатот од вложениот труд. Покажувајќи ни го, на еден мошне податлив начин, патот до понатамошниот, можеби, професионален подем на овие млади луѓе, во сферата на современиот танц.
Поточно, бевме сведоци и видовме пет перформативни прикази, еден вид мулти медијални проекти, во кои покрај движењето и танцот, целокупниот впечаток беше надополнет со уште четири други димензии – музика, сценографија, костими, дизајн на светло. Пет, мошне инвентивно конструирани кореографски решенија, хармонична интрактивност помеѓу танчерите, нивната кинестетичка енергија и спонтано развивање на движечкиот материјал. За што и беа наградени со бурен аплауз од бројните почитувачи на овие млади луѓе поклоници на уметноста на танцот.