Што треба да се уреди во договорот помеѓу државата и бизнис заедницата?

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, посочува дека во договорот помеѓу јавниот и приватниот сектор особено треба да бидат регулирани неколку прашања - обврската за консултација на бизнисот при донесување на прописите, зголемување на квалитетот и брзината на јавната администрација, подобрувањето на состојбите во правосудството, квалитетен економско-социјален дијалог.

156

Договорот за уредување на односите помеѓу јавниот и приватниот сектор треба да направи прецизно разграничување на правата и обврските на државата, од една страна, и бизнис-заедницата, од друга страна, на начин што ќе се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, кои се обврските на приватниот сектор спрема државата и како ќе се спроведуваат тие за да бидат ставени во функција на економскиот развој.

Како што посочува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, во договорот помеѓу јавниот и приватниот сектор особено треба да бидат регулирани неколку прашања – обврската за консултација на бизнисот при донесување на прописите, зголемување на квалитетот и брзината на јавната администрација, подобрувањето на состојбите во правосудството, квалитетен економско-социјален дијалог.

Доследното спроведување на процесот на процена на влијанието на регулативата преку задолжително спроведување на консултациите со бизнис заедницата во однос на регулативата која непосредно или посредно, има клучно влијание на работењето на деловните субјекти, велат во Стопанската комора на Македонија.

На тој начин, ќе се овозможи да се создава недвосмислена, јасна и применлива регулатива, а истовремено овој процес ќе биде и предуслов за поттикнување на економскиот раст во здрави и стабилни правно уредени услови на стопанисување.

Преземањето на неопходните мерки за зајакнување на стручноста, професионалноста и компетентноста на јавната администрација е уште едно прашање кое се јавува како клучно во регулирањето на односите помеѓу јавниот и приватниот сектор.

-Иако многубројна, долги години не се изнајде соодветно решение како администрацијата да се стави во функција на целите кои треба да ги остварува – да обезбедува брзи и квалитетни услуги за потребите на граѓаните и бизнис заедницата. Токму бирократизацијата на јавната и државната администрација и големиот број на административни пречки се потенцираат како најголем проблем за водењето на бизнисот. Поради тоа фирмите се изложени на големи административни пречки и трошат многу време за добивање на одредени документи од надлежните органи и подлежат на големи финансиски трошоци – појаснувваат од Стопанската комора.

Ефикасното функционирање на системот на заштита на правата има големи импликации во работењето на деловните субјекти. Неможноста во судска постапка да се оствари заштита на правата, долгото траење на постапките, но и големите трошоци кои се генерираат, директно влијае на ликвидноста на деловните субјекти, а со тоа и на резултатите на нивното работење. Од овие причини, подобрувањето на состојбите во правосудството и особено зголемувањето на ефикасноста во постапките за наплата на побарувањата за компаниите ќе има повеќекратно позитивно дејство.

Коморите, кои во суштина се и организации на работодавачи, по својата институционална вокација имаат функција на социјален партнер. Професионалните здруженија во коморската мрежа, како и вкупното членство, ја обезбедуваат репрезентативноста и експертизата за да имаат капацитет, покрај другите, да учествуваат во економско-социјалниот дијалог на бипартитно и трипартитно ниво и тоа, несомнено е и оправдано и потребно да биде вградено во идниот договор меѓу приватниот и јавниот сектор. Тоа пак, е добра основа за подобрување на состојбите и оценките во областа на социјалната политика и вработување. На таков начин, со помошта и на Коморите, на синдикатите и на другите организации на работодавачи, би требало да се дефинираат клучните политики за вработување, плати, социјален мир и стабилност, кои треба да бидат и еден од елементите во стратегијата за забрзан и одржлив економски раст.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...