Советот на Европа одлучи поради корупција доживотно да им забрани пристап до своите тела и каква било активност на 14 поранешни пратеници од Парламентарното собрание, бидејќи биле „купени“ од Азербејџан во 2013 година.
Исклучени се поранешните пратеници од Белгија, Италија, Словенија, Финска, Норвешка, Шведска, Полска, Азербејџан, Германија, кои биле поткупувани од Азербејџан, а со цел да бидат спречени критични извештаи за изборите, политичките затвореници и човековите права во таа земја.
Скандалот беше наречен „Кавијаргејт“, бидејќи тие пратеници во замена за нивните политички интервенции, добиле кавијар, скапи часовници, теписи, ноќевања во луксузни хотели.
Советот на Европа има 47 земји-членки и се занимава со човековите права, демократијата и владеењето на правото. Парламентарното собрание на Советот на Европа се состои од 324 пратеници од парламентите на земјите-членки.