Турција ја укинува вонредната состојба по две години

Во меѓувреме издадени се налози за апење на 57 офицери во истрага против групата на Фетулах Ѓулен.

131

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговите партнери во владата се договорија да не ја продолжуваат вонредната состојба во земјата, која истекува во јули, пренесува провладиниот медиум „Сабах“.

Вонредната состојба беше воведена по неуспешниот државен удар во 2016 година и беше продолжувана на секои три месеци.

Ердоган претходно месевов изјави дека таа ќе биде укината ако победи на изборите, кои се одржаа минатата недела и на кои Ердоган го обнови својот претседателски мандат, а неговата Партија на правдата и развојот со партнерите освои мнозинство во парламентот.

Во меѓувреме, Турското обвинителство издаде налози за апсење на 57 офицери од вооружените сили во истрага насочена против организацијата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, која во Турција се смета за терористичка.

Истрагата ја спроведува обвинителството во округот Батмен, но активности се преземени во вкупно 28 окрузи на Турција.

Наредби за апсење се издадени за воен персонал од активниот состав на армијата. Од осомничените, 21 се офицери на жандармеријата, 30 од воздухопловните сили и шест од копнените сили.

Засега не се знае колкумина се притворени. Акцијата за апење продолжува.

Турција за неуспешниот државен удар го обвини исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој е во егзил во САД, и ги негира обвинувањата за оркестрирање на пучот.

Турција досега притвори 160 000 лица и отпушти речиси исто толку државни службеници по неуспешниот воен пуч, говорат податоците на ОН.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...