На Земјата се појави нова „вселенска држава“ под називот „Асгардија“, а нејзин прв лидер стана рускиот научник и милијардер Игор Ашурбејли. Формирањето на новата држава тој официјално го објави на свечена церемонија одржана во Виена.
– Ги формиравме сите гранки на нацијата. Можам да кажам дека се роди Асгардија – изјави милијардерот.
Без разлика што Асгардија нема никаква територија на Земјата, таа веќе има околу 200.000 граѓани кои ја поддржаа оваа идеја преку интернет, како и амбициозни планови за населби на ниската орбита на планетата и колонизација на Месечината.
Асгардија има се што е потребно за формирање држава: устав, знаме, химна и избрани претставници, а наскоро државата би требало да добие и своја нова криптовалута „солар“, за градење на економијата. Што се однесува до врските со Земјата, Ашурбејли истакна дека имаат план да изградат независна држава.
– Асгардија ќе направи инфраструктура која нема да зависи од копнениот систем. „Асгардијците“ ќе имаат преносни уреди со интегрирани пасоши, кредитни картички и традиционални смартфони.
Некои од алтруистичките планови на Ашурбејли вклучуваат обезбедување глобален интернет, пристап до асгардиски технологии, како и формирање флота за заштита на земјата од астероиди. На крај, лидерот на „вселенската држава“ нагласи дека не ја гледа Асгардија толку како држава, туку повеќе како чекор во развојот на човештвото.
Своето име држава го добила во чест на небесниот град од скандинавската митологија – „Асгард” во кој, според преданијата, живеат богови.