Во кафе-галеријата „Концепт 37“ вечерва во 20 часот, со изложба на 11 хаиги, ќе биде промовирана книгата „Поврзи се…“- збирка хаиги од Дијана Петкова и Камелија Шојлевска.
Проектот содржи 50 хаику песни од Дијана Петкова и 50 фотографии од Камелија Шојлевска инспирирани од природните убавини на Македонија, споени во хаиги. Хаику е кратка јапонска поетска форма. Тоа е песна составена од три стиха со вкупно 17 слога.
Хаига е стил на јапонско сликање во кое е содржана хаику песна. Современата хаига е поврзување на хаику песна со фотографија (цртеж, графика, колаж, акварел), коишто за читателот и гледачот претставува вербално и визуелно доживување на моментот.
Книгата „ Поврзи се… “ ќе ја промовира Катерина Ангеловска-тренер за личен развој, којашто во својата рецензија напиша:
– „Поврзи се…“ е подарок за сите нас, подарок што ни овозможува да се поврземе со нашето суптилно јас и нè тера повторно да копнееме. „Поврзи се…“ е враќање дома.