Пиштало на македонски
Најновиот роман на познатиот српски романсиер Владимир Пиштало „Сонцето на овој ден – писмо до Андриќ”, кој годинава беше во најтесниот избор за роман на годината на белградски НИН, излезе на македонски јазик во издание на „Везилка 2011” и превод на Ристо Лазаров.
Лоциран помеѓу конкретното врене, на Андриќ и нашето, и безвремената книжевност, овој денешен разговор на Пиштало со Андриќ, со користење на душата како ламба, покажува дека е можно книжевно, со јазикот на сликите и емоциите, да се говори и за книжевноста и за времето во коешто се говори. И навистина, по читањето на оваа книга, напишана како совршена отсвирена композиција, ни читањето на Андриќ нема да биде сосема исто.
Владимир Пиштало (1960) е еден од најзначајните и најпреведувани современи српски писатели, добитник е на наградата на НИН и на Наградата за најчитана книга во библиотеките на Србија. Неговиот роман ,,Тесла, портрет меѓу маските” е преведен на тринаесет, а романот ,,Милениум во Белград” на шест јазици.