Се конфискува имот, ама не се распределува поради бавините судови

Како што потенцира македонскиот заменик министер за правда Оливер Ристовски, државите постепено го менуваат начинот на делување од класично казнување со затворски казни и акцентот се повеќе се става на конфискација на нелегално стекнатиот имот и имотната корист.

177

Македонија е преплавена со конфискувани возила, но Агенцијата за управување со конфискуван и одземен имот, според директорот Фатон Асани, не може да постапува и да ги додели на државна институција или да ги понуди на аукција затоа што нивната правосилност е заглавена во бавните судски процеси.

– Агенцијата континуирано работи на проблематиката, има конфискации и очекуваме поголеми. Како Агенција чекаме на судовите, откако ќе добиеме правосилни решенија постапуваме. Континуирано се конфискува, моментно имаме голем проблем со возила, цела Македонија е преплавена со нив. Во Идризово и Миладиновци има 3.500 автомобили, 2.500 во Шумска полиција, полициските станици ги затекнавме преполни со такви автомобили – изјави денеска Асани.

Во Македонија, но и во другите држави, дополни, судските процеси траат долго, четири до пет години, и затоа судовите треба да работат поажурно.

– Бројчаникот што беше ветен пред изборите треба да врти, но за да се случи тоа треба да „вртат“ судовите. Ако „вртат“ тие ќе „врти“ и Агенцијата – искоментира Асани, не изнесувајќи податоци за вредноста на одземениот имот, во кој покрај автомобили има и пари и недвижнини.

На Годишната регионална конференција за најдобри практики во сферата на конфискацијата и управувањето со одземен имот во организација на Балканската интер-агенциска мрежа за управување со одземен имот (БАМИН), што се одржува денеска во Скопје, Асани рече дека конфискацијата како репресивна мерка истовремено има превентивно дејство, а сторителите на криминални дела стануваат свесни дека имотот и имотната корист стекнати преку криминал ќе им бидат одземени.

Во Босна и Херцеговина, каде почнале со одземање имот пред година и половина, досега е одземен имот во вредност од околу 20 милиони евра- изјави Кенан Каро, директор на босанската Агенцијата за одземен имот.

Одземени се хотел, студентски дом, бензинска пумпа, автомобили, скапоцени вили, накит…

– Од тој имот нешто издаваме, дел е подарено на здружение за грижа за деца болни од рак. Поентата на целата приказна е се што ќе се одземе да се даде во хуманитарни и социјални цели, за училишта, спортски клубови – наведе Каро.

Тој нагласи дека нема цел некој да биде гонет за извршено кривично дело и добие затворска казна а да му останат милионите кои ги заработил нелегално.

Како што потенцира македонскиот заменик министер за правда Оливер Ристовски, државите постепено го менуваат начинот на делување од класично казнување со затворски казни и акцентот се повеќе се става на конфискација на нелегално стекнатиот имот и имотната корист.

Според Ристовски, сите стратегии проследени со акциски планови, целокупната законска рамка и бројните меѓународни инструменти сами за себе не се никогаш доволни за успешно завршување на приказната за организиран криминал. – Без промена на свеста и без одлучна акција на државните органи сите документи ќе останат мртов збор на хартија а сите сфери на општественото живеење ќе продолжат да бидат плодно тло обработувано од криминалните организации, рече Ристовски.

БАМИН мрежата е составена од релевантните владини агенции од земјите од Западен Балкан одговорни за управување и понатамошно процесирање на средства и имот одземени со кривични постапки при борбата со различни видови на криминал.

Целта на БАМИН, информираше претставникот на нејзиниот секретаријат Андреа д Анџело, е да им помогне на државите да имаат подобра процедура што побргу да ги продадат запленетите средства и имот и тие да се вратат кај граѓаните и државните буџети. – Ова е заеднички проблем за сите држави. Нормално дека секаде има предизвици. Криминалот не познава граници, криминалец од Македонија ќе инвестира свои средства во друга држава и обратно и од тие причини мора да соработуваме. Ако не соработуваме тогаш криминалот победува, порача д Анџело.

Со БАМИН годинава претседава Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...