Формирањето на дигитален форум за ИКТ бил главна тема на разговорите на средбата на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и еврокомесарката задолжена за дигитално општество и економија, Мариа Габриел.
Како што е соопштено Манчевски ја информирал Габриел дека во Дигиталниот форум кој треба да се формира ќе членуваат претставници на стопанските комори, бизнис заедницата, академската фела, граѓанскиот организации како и министерот Манчевски и претседателот на ИКТ советот, Владимир Цветковиќ.
– Дигиталниот форум ќе работи како стручно и советодавно тело од областа на информатичкото општество. Целта е да е во постојана координација со ИКТ советот, каде што ќе се имплементираат идеите и предлозите развиени во Дигиталниот форум. Форумот по потреба ќе формира експертски работни групи кои ќе ги вклучуваат сите засегнати и заинтересирани страни за решавање на одредени прашања поврзани со развојот на информатичкотот општество – информирал Манчевски.
Еврокомесарката Габриел ја поддржа иницијативата и ја понуди помошта и експертизата на Европската Комисија, за сите проекти кои се во рамки на дигиталната трансформација.
На средбата се разговарало и за документот претставен од Европската Комисија, којшто се однесува на серијата мерки за поддршка за реализација на проектите за дигитална трансформација.
На средбата станало збор и за иницијативата Македонија да биде домаќин на првата регионална Академија за сајбер безбедност.
Намалување на цените за роаминг, развивање на наставна програма во основните и средни училишта за развивање на дигитални вештини и модернизација на администрацијата, остануваат да бидат во фокусот на работата на Владата и МИОА за што Европската Комисија е постојан партнер.