До петок оваа недела трае јавниот оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари во регионот на Свети Николе.
Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство станува збор за дел од земјиштето кое беше во сопственост на поранешниот агрокомбинат „Џумајлија“.
Понудите доставени по овој јавен оглас ќе бидат јавно отворени на 2 јуни во големата сала за состаноци во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ул. Аминта Трети бр.2 Скопје, со почеток од 10 часот.
Со јавниот оглас се опфатени 907 хектари, поделени во 10 блока. За разлика од претходните огласи, кога имаше дополнителни услови во однос на предвидена инвестиција и со рокот за изведба на инвестицијата, сега во овој оглас не се предвидени дополнителни услуги, со што се релаксираат условите за учество.
Намената за која што се дава земјоделското земјиште е подигање на долгодишни насади со лозје, овоштарници и хмељ, оранжерии, долгодишни насади со лешник, маслинарници, ливади, рибници, спортско-рекреативни активности и рурален туризам и одгледување на други земјоделски култури
Овие 10 блока, посочуваат од МЗШВ, се дел од третата од четирите географски целини за овој регион.
Оттаму најавиваат дека во следниот период за четвртата целина ќе се објави јавен оглас за оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до три хектари или околу 600 хектари, со цел и помалите земјоделци од светиниколскиот регион да дојдат до парче земја.