Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство ќе помогне во решавање на откупот на доматите со интервентна субвенција од 4 денари за килограм предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети, соопшти министерството.
– На овој начин со постоечката дополнителна субвенција за предаден зеленчук во преработувачки капацитети од 3 денари за килограм, производителите на домати ќе добијат вкупно 7 денари субвенција за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети. Одлуката се очекува да биде донесена следната недела на седница на Влада, стои во соопштението.
Ваквата одлука ќе важи за сите земјоделци кои ќе го предадат доматот во преработувачките капацитети до 15 јули годинава.
Оваа интервентна субвенција од 4 денари за килограм домат предаден во регистрирани преработувачки капацитети ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откупот на домати.
– МЗШВ и во следниот период ќе го следи откупот на домати и ќе делува континуирано во делот на интервенциите и решавање на проблемите во земјоделството, тогаш кога ќе биде потребно.
Во меѓувреме МЗШВ интензивно работи и на отворање на нови пазари за македонските земјоделски производи. Уште пред неколку месеци е испратен допис до сите конзуларни канцеларии и до амбасадорите, да помогнат во делот на отворањето на странските пазари за македонските земјоделски производи – велат од МЗШВ.