Акустичното пијано белег на третиот ден од Skopje Street Music Festival

173

Звуците од клавишите на акустичното пијано се разлеаја низ улиците на Скопје. Со оваа реченица може да се опише третиот ден од Skopje Street Music Festival.

Акустичното пијано, кое поради своите карактеристики и големина, многу ретко се поставува надвор од концертните сали, внесе нова димензија на композициите на Астор Пијацола, во изведба на Pezzanov Pizzola Project во градскиот парк. Под вештите прсти на познатата пијанистка Дуња Иванова ја доловуваше атмосферата од сцени на филмовите „Часови“ и „Пијано“.

– Поставувањето на акустичен инструмент на нестандардна локација е привлечно за минувачите, а предизвик за изведувачот. Минимализмот беше предзнак и на овој мој настап, како можност за музичко искуство кое за публиката ќе обезбеди патување низ мислите и чувствата- вели пијанистката Иванова.

Во вечерниот термин на Боемска улица, акустичното пијано и даде посебен призвук на џез музиката. Бојана Фабел која настапи со нејзиното џез трио и Next to Silence, изведоа оригинални, но и реаранжирани дела од богатиот опус на Enrico Rava, Jan Garbarek, Carla Bley и други.

Со својот „пеперминтски“ поглед на музиката, членовите на групата Пеперминт ја освежија публиката на плоштад Македонија. Заеднички ги испеаја текстовите на „Бранка“, „Нос“, „Ако“ и секако „Девојката со точакот“. Вториот настап на оваа локација беше резервиран за Fighting Windmills, кои преку различните жанровски стилови што ги негуваат во својата музика и виртуозот на удирачки инструменти, перкусионистот Антоние Весковски, го доведоа задоволството на публиката до кулминација.

Програмата на Skopje Street Music Festival продолжува и денес, во Градски парк, ТЦ Лептокарија и плоштад Македонија. Настапуваат: Quartet VivArt, The quartet, Just the 3 of us, Кристијан Гиноски – гитара, No Name, Bossa Un Der Cover и Musaiq.

Ко-организатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...