Со учество на околу 100 компании, институции и организации од Македонија, Србија и Канада во Белград се одржа меѓународниот бизнис форум „Македонија 2025“, во организација на оваа невладина организација на успешни македонци од дијаспората и на Канадско-српското стопанско здружение (КАНСЕЕ).
Целта на настанот беше инспирирање на вмрежување и соработка помеѓу компаниите и поединците во Македонија, Србија и регионот во областите на странски инвестиции, агробизнис, регионални туристички капацитети, одговорно рударство, обновливи извори на енергија и паметни технологии, прецизира Џон И.Битов, претседавач на настанот и член на одборот „Македонија 2025“.
– Кога имате економска и политичка стабилност, младите луѓе остануваат во државите, бидејќи имаат работа и имаат можности. На форумот бизнисмените ќе имаат можност да чујат за шансите за инвестирање, за соработката меѓу индустриите и за најдобрите практики во регионот – изјави Битов.
Бизнис форумот имаше македонска енергија, бидејќи на многу интересен и динамичен начин се поврзуваа бизнисите во целиот регион, посочи Ана Коешал, Македонка која долги години живее и работи во Белград, како Извршен директор на Ана и Владе Дивац фондацијата.
– Нас регионалната соработка ни е многу битна и се надевам дека преку вакви бизнис форуми ќе можеме да воспоставиме нови партнерства и да помогнеме во регионот, каде сме сите и културоошки и економски на исти позиции – изјави Коешал.
Организацијата на Бизнис форумот беше подржана и од Канадската амбасада во Белград, надлежна за Македонија, Србија и Црна Гора.
– Еден од приоритетите на канадската Влада е промиварање на трговијата и инвестициите меѓу Канада и земјите во регионот и нивно интензивирање. Нудиме низа услуги во Канадската амбасада и ги подржуваме канадските бизнисмени заинтересирани за регионот. Затоа соработуваме и со Македонија 2025 и КАНСЕЕ и оваа соработка е добра за сите во регионот, бидејќи на овој начин имаме подобар животен стандард, поголем економски раст и мир и стабилност – изјави канадската амбасадорка Кети Чаба.
Посебен акцент на Бизнис форумот „Македонија 2025“ беше ставен на споделување на најдобрите практики во регионот преку говорите на претставници од врвни корпорации.
– Можностите на успешното инвестирање на компаниите во регионот може да доведе до одредени успеси и резултати кои се значајни за земјите кои инвестирале и ние тоа овде успешно го преставуваме, изјави Мирјана Дончиќ Беатон менаџер директор на КАНСЕЕ.
На Бизнис Форумот говореа и претставници од врвни корпорации, како Nevsun Resources Ltd., Delta Holding и Apatinska Brewer, Тивеш и други, како и Филип Лунески претседател на Македонската бизнис асоцијација во Србија, кој ги преставуваше македонските фирми во Србија.