Јакнење на капацитетите, воведување иновации и дигитализација за поквалитетни услуги, е целта на реформите во македонските државни институции, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на меѓународниот форум во Маракеш.
Во обраќањето на сесијата за интегрираниот пристап за имплементирање на стратешките цели за одржлив развој на ОН, Манчевски се осврна на заложбите на МИОА за транспарентен пристап во работењето и воспоставување инклузивност при креирањето на политиките.
– Министерството посветено работи на реформа во јавната администрација со цел јакнење на капацитетите на вработените при давање на услугите. Во тој процес особено важна е хоризонталната координација меѓу институциите, предизвик кој се надминува со мерките предвидени во Стратегијата за реформа во јавната администрација. Вклучувањето на сите засегнати страни во сите процеси на кои работиме е една од нашите главни заложби, и досегашната работа служи како позитивен пример за соработка на институциите помеѓу себе но и со сите релевантни чинители – истакна министерот.
Форумот е на тема „Трансформирање на власта за остварување на целите за одржлив развој”, го организираат Обединетите нации и ќе трае три дена. Има за цел да ги собере на едно место релевантните министри од целиот свет, да се разговара за трансформирање на управувањето и за тоа кои се иновативните начини на кои владите, институциите и јавната администрација можат да се организираат и да работат на постигнување на целите за одржлив развој.