Шефицата на канцеларијата на Европската унија во Приштина, Наталија Апостолова, упати остри критики на одлуката за зголемување на платите на премиерот и другите членови на Владата, која беше поддржана и од Уставниот суд, кој утврди дека не биле прекршени законите, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ваквата одлука, со која премиерот Рамуш Харадинај ги зголеми двојно платите за себе (од 1.430 на 2.950 евра) и членовите на Владата, според Апостолова, е спротивна на препораките на ЕУ во однос на јавната администрација.
– Ад хок вратената одлука за платите е спротивна на заедничките цели во врска со јавната администрација на Косово и истата треба да се повлече и да се чека усвојувањето на новиот закон за плати, изјави Апостолова за порталот „Газета Експрес“.
По одлуката на Уставниот суд, чии членови со ова исто така ќе земаат двојно повисоки плати, кои ќе достигнат и до 4.000 евра, Владата повторно ја усвои одлуката која претходно на почетокот на годинава беше оспорена од Антикорупциската комисија, за што претеставничката на ЕУ во Приштина изрази жалење.
– Жал ми е за оваа одлука, бидејќи изготвувањето на нацрт-законот за платите е во тек. Овој закон ќе ги регулира еднаш и засекогаш платите кои се исплаќаат од буџетот на Косово со објективни и правични критериуми. Овој закон е дел од процесот на реформи на јавната администрација кои ЕУ ги поддржува, изјави Апостолова.
Одлуката на Харадинај наиде на остри критики од опозицијата, граѓанското општество и речиси целата косовска јавност, но тој покажа цврста решителност да ја спроведе во дело.