Со учество на претставници од 25 земји од Југоисточна и Источна Европа, од Блискиот Исток и Медитеранот, од денеска на грчкиот остров Родос започнува дводневната конференција за стабилност и безбедност во организација на грчкото Министерство за надворешни работи.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Конференцијата се одржува третпат, а темите за кои ќе разговараат учесниците се поврзани со заедничките предизвици во безбедноста во поширокиот регион и зајакнување на регионалната соработка за безбедност и стабилност.
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека Конференцијата има амбиција да се развие во нова структура за безбедност, по моделот на ОБСЕ.
– „Духот на Родос“, како што спонтано беше наречена Конференцијата од учесниците, како приоритет ја има позитивната агенда во повеќе области (на пример, туризам, образование, иновации, дигитална економија, еколошка и техничка соработка). Но, има амбиција да се развие во нешто уште поголемо. Во средина на големи предизвици во регионот, но и големи перспективи за соработка и заеднички развој, овогодинешната Конференција се стреми да ги постави темелите за институционално воспоставување на нова структура за безбедност во регионот, по моделот на ОБСЕ и Хелсиншкиот финален акт, изјави Коѕијас во однос на третата конференција на Родос.
ФОТО: Твитер